Бугарија го продолжи задолжителниот карантин за македонските државјани

Македонските граѓани кои сакаат да влезат во Бугарија и во следните две недели ќе мораат да одат во задолжителен карантин од 14 дена по влезот кај источниот сосед, јави бугарското државно радио.

Првиот човек на Државниот здравствен инспекторат, Ангел Кунчев, изјави денес при посета на пограничниот град Ќустендил дека обврската за карантин ќе остане во сила и по 1 јули.

Повеќе од 15.000 луѓе од Македонија кои имаат документи со адреси во Ќустендил и двојни државјанства очекуваа дека мерката ќе биде укината од 1 јули и дека ќе можат да влезат во земјата за да завршат административни работи или да платат даноци, пишува веб-страницата на бугарското радио.

-Многу се надевавме дека од 1 јули ќе има решение за цела Европа, но за жал, има големи разлики меѓу земјите од ЕУ по ова прашање. Сигурно е само тоа дека државјаните на земјите во кои има најмногу случаи на коронавирус: САД, Русија, Бразил и Индија, нема да бидат примени во ЕУ, изјави Канчев.

Брисел денес соопшти дека од 1 јули границите на ЕУ се отвораат за уште 14 држави, меѓу кои ја нема Македонија, но списокот не е задолжителен, туку секоја земја ќе може самостојно да одлучи за кои земји ќе ги отвори своите граници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *