ОДБЕЛЕЖАНИ 72 ГОДИНИ ОД ПРОГОНОТ НА ДЕЦАТА МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, вчера пред Споменикот на децата бегалци во Парк “Жена борец“ спроти Собранието на Македонија се одржа традиционалното чествување полагање цвеќе за помен и спомен на жртвите од Граѓанската војна во Хеленската Република 1946-1949 година.


Споменикот на децата бегалци, како вечен Паметник за геноцидот врз нив, нивниот егзодус и голгота, е откриен на 30 јуни 1988 година, во чест на одржувањето на Првата светска средба на децата бегалци која се одржа од 30 јуни до 4 јули 1988 година во Скопје.
Поради изборната кампања за предвремените избори за пратеници кои се одржуваат на 15 јули и пандемијата со корона вирусот, по исклучок, годинава, ова традиционално чествување – полагање цвеќе во помен и спомен на насилно прогонетите Македонци и нивните деца од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, се одржа на 4 јули.
Со едноминутно молчење присутните им оддада почит на жртвите од Граѓанската војна во Грција и на сите упокоени насилно прогонети Македонци од 1946 година до денес.
Во чест на 4 јули – Денот на борците од Втората светска војна, со едноминутно молчење присутните им оддадоа почит и на сите загинати борци за слободата и државноста на Македонија од Втората светска војна.
Со традиционалното полагање свежо цвеќе на Споменикот, се одбележаа 71 години од крајот на Граѓанската војна во Грција и 72 години од егзодусот на децата Македонци од Егејскиот дел на Македонија.
Чествувањето го водеше Кристина Димитрова, а поздравни говори пред Споменикот на децата бегалци одржаа претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, и кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица доц.д-р Тимчо Муцунски и проф.д-р Велика Стојкова Серафимовска.
Свежо цвеќе пред Споменикот на децата бегалци положија делегација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН предводена од претседателот Александар Јаневски, делегација на Светскиот Македонски Конгрес предводена од претседателот Тодор Петров, делегација на ВМРО – Демократска партија за македонско национално единство предводена од кандидатите за пратеници од првата изборна единица доц.д-р Тимчо Муцунски и проф.д-р Велика Стојкова Серафимовска, делегација на Матицата на иселениците од Македонија предводена од претседателот Иван Џо Петрески, делегација на Здружението на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија “Мирка Гинова“ од Штип предводена од претседателот Стојан Димков, делегација на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија “Ѕвезда“ од Велес предводена од претседателот Бошко Божинов, делегација на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Свети Герман“ од Скопје предводена од претседателката Васка Дојчиновска, делегација на Здружението “Сонцето од Кутлеш“ од Скопје предводена од претседателот Јован Костадинов, и делегација на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола предводена од потпретседателот Гоце Кочов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *