Победничка партија од македонскиот блок е ВМРО-ДПМНЕ

Одговори на новинарски прашања од прес конференција на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Прашање: Велите дека струјата неправедно се покачила, изминатите денови веќе имавте неколку соопштенија и прес одржавте кој е предлогот струјата да не се покачи?

Одговор: Многу пати во минатото од страна на оваа влада вклучително и тогашниот вицепремиер за економски прашања бевме убедувани дека цената на електричната енергија со самата либерализација нема да се покачува, јас на неколку прес конференции предупредував во спротивното, предупредував дека ова што денеска ни се случува ќе се случи и тогаш нормално бев обвинуван од страна на СДСМ од страна на владата на Зоран Заев дека не знам што зборувам дека не ги познавам работите и т.н. Но изгледа дека сум бил во право уште еднаш би сакал да ги потсетам граѓаните дека цената на електричната енергија се формира на начин на кој што енергетските компании наплатуваат за својата услуга тука пред се мислам на државните МЕПСО, Мемо и ЕСМ сегашно, поранешно ЕЛЕМ за цената на електричната енергија која што ја продава на универзалниот снабдувач и тука е електродистрибуција која што е приватна компанија која што е во сопственост на ЕВН Македонија и тука е  маржата која што ја наплаќа универзалниот снабдувач. Маржата која што ја наплаќа универзалниот снабдувач замислете го победил државниот ЕЛЕМ тогашен со пониска маржа и таа изнесува 11,5 % значи вкупната сума на пари која што ја плаќаат граѓаните за тарифите на државните компании МЕПСО МЕМО и ЕЛЕМ поранешно сегашно ЕСМ се зголемува за цели 11,5 проценти и тоа на крајот од годината во 2019 година предизвикало да ЕВН Македонија има профит поголем од 2 милијарди денари околу 35 милиони евра. Еве начин како да се намали цената на електричната енергија односно да не се поскапи, само треба да се намали маржата на универзалниот снабдувач ништо повеќе ништо помалку. До кога македонските граѓани ќе плаќаат маржа која што е историски најголема во Европа и не е споредлива со многу побогати држави од оваа нашата 11,5 % е премногу на сметка на граѓаните и на товар на компаниите чии што сопственици се граѓаните преку владата која што е доминантен сопственик како МЕПСО и ЕСМ поранешно ЕЛЕМ.

Прашање: Актуелни се разговорите за формирање на владино мнозинство дали сте разговарале со господинот Али Ахмети и за предлогот за Албанец премиер?

Одговор: Со господинот Али Ахмети имавме отприлика едночасовна средба минатата недела во рамките на Собранието, на таа средба господинот Али Ахмети ме информираше дека ќе отпочне преговори со СДСМ со изговор дека тоа е партијата која што победила во македонскиот блок, јас реков дека не се согласувам, бидејќи партијата која што победи кај Македонците е ВМРО-ДПМНЕ и убедливо победи кај Македонците, но во ред тоа е негово мислење тоа е човек кој што претпоставувам има соодветно искуство на политичката сцена и јас му посакав среќа во преговорите, тоа беше разговорот кој што на таа тема го водевме со господинот Али Ахмети.

Прашање: Да се надоврзам на оваа тема, неколку пати велите дека ВМРО-ДПМНЕ победи кај Македонците, зошто?

Одговор: Затоа што ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во рамките на парламентот после неговата верификација на мандатите на пратениците има 40 на број а СДСМ има 32 коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ има 44 а коалицијата која што ја предводи СДСМ има 42. Доколку ги гледаме бројките кои што ги споредува СДСМ заедно со нивниот коалиционен партнер БЕСА е 46. Тоа е исто како сега ние на нашите 44 да додадеме определена друга бројка на определени други пратеници од друга политичка партија и да речеме заедно со овие имаме повеќе од СДСМ. Значи партијата која што е легитимен и кредибилен претставник на македонскиот народ на Македонците во рамките на собранието е ВМРО-ДПМНЕ со најголем број пратеници и тоа се 40.

Прашање: Дали е вистина, господине Мицкоски, дека во вашите разговори со господинот Али Ахмети кажавте дека сте подготвени да прифатите премиер Албанец две години и две години да биде премиер од ВМРО-ДПМНЕ?

Одговор: Јас во одговорот на првото прашање на оваа тема бев многу искрен и ви кажав што разговаравме со господинот Ахмети на оваа тема. Еве ќе повторам, тој рече дека му даде приоритет на СДСМ, како победник во македонскиот блок, јас реков не се сложувам, бидејќи ценам дека ние сме победници. Но, во ред, ако вие мислите дека е така, преговарајте, ви посакувам многу среќа. Се поздравивме и тука заврши состанокот. А,  во претходните 45 минути разговаравме на некои теми, сосем од поинаков карактер.

Прашање: Ако СДСМ и ДУИ немаат договор и ако ДУИ почнат со вас разговори за можна Влада, дали сте подготвени да ја делите премиерската фотелја со ДУИ?

Одговор: Да почекаме прво да завршат разговорите помеѓу СДСМ и ДУИ, да видиме што ќе се случи на тие разговори, па дури потоа, можеби ќе разговараме. Но, принципите на ВМРО-ДПМНЕ се јасни. ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да преговара од позиција на диктати и условувања, и ВМРО-ДПМНЕ коалиција ќе направи врз основа на програма.

Прашање: Господине Мицкоски, дали се чувствува, јас барем чувствувам пасивност во партијата, во ВМРО-ДПМНЕ во однос на преговорите, може грешам кажете ми, разговарате ли со Алијанса? Вие неколку пати кажувате дека ќе разговарате и со БЕСА. Но, сега се чини дека му давате приоритет на СДСМ да формира Влада.

 Одговор: Па, ние не сакаме несериозно да делуваме и дневно, по неколку пати да брифираме дека имаме мнозинство, па потоа да велиме дека немаме мнозинство. Ние водиме разговори. Разговараме со сите политички партии и во оној момент кога ќе има било каква суштина од тие разговори ќе ја информираме македонската јавност. Јас не би го рекол тоа за пасивно однесување, туку напротив, би го рекол за зрело однесување, затоа што цениме дека не треба граѓаните да ги оптоваруваме со нашите фрустрации, те имаме те немаме парламентарно мнозинство. Туку едноставно, кога навистина ќе имаме парламентарно мнозинство, тогаш ќе ја информираме македонската јавност дека имаме. Во овој момент се водат разговори и бидете трпеливи, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја информира македонската јавност за развојот на тие разговори со сите оние со кои што разговараме, дали ќе успееме дали нема да успееме да формираме мнозинство од 61 пратеник, кој што би поддржале Влада во која што би била дел и ВМРО-ДПМНЕ.

Прашање: Дали Ахмети ви посочи бар некој кој ги има за формирање на Влада?

Одговор: Верувајте, ова што ви го кажав, тоа беше поврзано со разговорите на таа тема. Ова беше, верувајте ми, тие две реченици. Ако имаше уште нешто немам причина зошто да не ви кажам, тоа беше разговорот. Понеделник и вторник се деновите кога господинот Ахмети очекува одговор од СДСМ. Еве денеска сме вторник, вчера беше понеделник, да ги сочекаме овие два дена да видиме што ќе се случи па дури потоа ќе ја информираме македонската јавност. Навистина делува помалку несериозно и циркузански, брифинзите вакви те такви, информации од прва рака, од втора рака, тој ми дошепна, овој ми е близок на оној, па тој му кажал вака ќе биде, нема потреба . Доволно е веќе, нашите сограѓани се уморни од вакви политиканства за да ние дополнително ги подгреваме овие шпекулации. Кога ќе има нешто конкретно ќе ја информираме македонската јавност.

Прашање: Ако во петок нема договор помеѓу СДСМ и ДУИ, дали ќе се оди на нови избори и што мислите за идејата на Заев за обединување на македонскиот блок?

Одговор: Јас се уште не сум слушнал за таква идеја на човекот кој што го дезинтегрира македонскиот блок, го засрами и буквално Македонците ги направи граѓани од втор ред во сопствената држава. И најмалку тој човек има право да зборува за интегрирање на македонскиот блок. Можеби некој друг покредибилен политичар од редовите на СДСМ има поголемо право од Зоран Заев. И навистина сум вчудоневиден ова што од Вас го слушам, дека Зоран Заев предложил една ваква нова етничка платформа која што сега за првпат ја слушам. Човекот кој што до вчера велеше дека е најпопуларен политичар помеѓу Албанците. Мислам дека се сеќаваат голем дел на вашите колеги на неговите такви изјави, не знам што се случи. Мислам јас знам што се случува, уплашен е дека треба ако не биде премиер, и ако не ги постави отворањата и затворањата на шаховската табла можеби и ќе треба да одговара за некои други негови  постапки во изминатиов период.  Така што еве тука би се задржал на тоа, јас прв пат слушам за таква идеја сега од Вас. Можеби кога би бил попрецизен господинот Зоран Заев да видиме што значи тоа, па да отвориме една јавна дебата. Би влегол во една таква јавна дебата и би разговарал, да видиме која е неговата намера. Што се однесува до првата тема, јас ценам дека не се сите можности исцрпени, мислам дека се уште постојат можности за формирање на политичка Влада, доколку тие можности се исцрпат тогаш можеме да зборуваме за нови избори. Но ќе ве потсетам ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку месеци зборуваше за парламентарни избори кои што ќе се случат и најдобро е да се случат на есен, но тогаш бевме исмејувани, бевме негирани, и практично сите оние кои што тогаш велеа дека тоа е невозможно, денес го ставаат на маса како возможна опција. Можеби ако тогаш малку позрело делот од политичарите кои што денес гледам како коленичат, а до вчера велеа дека ДУИ не вределе ни пет пари, дека време било да ДУИ оди во опозиција, гледаме како коленичат пред ДУИ. Да го послушаа ВМРО-ДПМНЕ ние можеби денеска ќе поштедевме многу повеќе ресурси, ќе заштитевме некој човечки изгубен живот  и ќе имавме помала бројка на луѓе заболени од КОВИД – 19 вирусот. Но за жал поради незрели политики, погрешни политики на такви политичари какви што денеска се од кај нашиот политички противник, ние денеска се доведовме во една ваква нерешена и би рекол помалку или повеќе безизлезна понижувачка ситуација. И тоа се влијае врз граѓаните што најмногу мене ме погодува како политичар.

Прашање: Министерот Нухиу потпишуваше акти каде ќе треба сега припадниците на МВР ќе носат двојазични униформи. Кој е Вашиот став?

Одговор: Ставот наш сме го кажале многу пати во минатото, поврзан со Законот за јазици, поврзан со препораките од Венецијанската Комисија. Ние ниту имаме што друго да кажеме и различно од тоа, ниту сме го промениле ставот. И вчера тој став како партиски став го кажавме преку портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашање: Господине Мицкоски кој е Вашиот став за случајот со авионот кој што пристигна во Финска, а полета од македонскиот аеродром каде што има 20-тина заразени од КОВИД – 19?

Одговор: Тажна е ситуацијата, се сеќавате не смируваа дека се е под контрола, да не се грижат граѓаните. И денеска слушнавме од министерството дека всушност патниците, мнозинството патниците во тој авион биле лица со косовски пасош. Не биле македонски. И тоа било олеснителна околност. Македонските биле само два, а повеќе од 70-тина биле лица кои што со косовски пасош. Па како дојдоа тие лица од Косово тука во Македонија? Како поминаа граница? Како поминаа на аеродром? Го поставил некој тоа прашање? Дали ова е тоа дека ние не треба да се грижиме и секираме, дали ова е тоа дека работата е под контрола. Две контроли кои што треба да ги спроведе државата една на граничниот премин преку кој што овие лица влегле во Македонија и една на самиот аеродром покажале резултати различни од оние кои што ги покажале аеродромските власти во Финска. Како влегле тие? Директно влегле во авион? Тоа е прашањето и затоа денеска сме рекордери. Затоа македонските граѓани денеска се во кафез, заклучно со септември, и не можат да патуваат во ЕУ. И ова се тие политики. И нема да ме чуди ако овој кафез продолжи до крајот на 2020-тата година. Ова се тие политики кои што мора да ги победиме.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *